Како оралното здравје е поврзано со срцевите заболувања
Постојат две различни врски помеѓу болестите на срцето и оралното здравје
- Истражувањата покажуваат дека луѓето со умерена или напредната фаза на периодонтални болести (болести на непцата) поседуваат поголема веројатност да добијат срцево заболување од оние кои имаат здрави непца.
- Оралното здравје има индиции за целокупното здравје на човекот. Истражувањата покажуваат дека оралното здравје може да обезбеди предупредувачки знаци за други болести или состојби, вклучувајќи ги и срцевите заболувања.
Како заболувањето на непцата го зголемува ризикот од срцев удар
Устата е почеток на патеката, влезна врата на телото. Преку устата внесуваме сè во телото. Луѓето со хронични болести на непцата се изложени на поголем ризик од срцеви и други заболувања. Заболувањето на непцата во својата рана фаза се нарекува гингивитис. Во оваа фаза се јавува непријатен мирис во устата или халитоза, крварење на непцата и создавање на дентален плак кој потоа преминува во забен камен. Сето тоа ако не се третира односно ако не се посети стоматолог за соодветно да се истретира и постави дијагноза и даде терпија, оваа состојба преминува во следната и потешка фаза на парадонтална болест или парадентоза која доведува до опаѓање на забите.
Оваа состојба кај луѓето може да предизвика срцеви заболувања бидејќи бактериите кои се наоѓаат во инфицираните непца, можат да навлезат во крвотокот, да се закачат на крвните садови и да предизвикаат згрутчување на крвта и формирање на тромб, кој што го намалува протокот на крв и може да доведе до целосно запушување на крвните садови и да предизвика срцев удар, односно инфаркт.
Како оралното здравје предупредува за срцеви заболувања
Истражувањето покажува дека повеќе од 90 отсто од сите системски заболувања, вклучувајќи ги и срцевите заболувања покажуваат орални симптоми. Ние стоматолозите може да им помогнеме на пациентите со доаѓање на редовни прегледи, со испитување на нивната усна шуплина и дијагностицирање на било какви знаци на орална болка, инфекција или воспаление. Правилната дијагноза што ќе се постави и третманот на забите и непцата кај овие пациенти ќе доведе до намалување на крвниот притисок и ќе го подобри целокупното здравје.
Предупредувачки знаци за заболување на непцата се:
- Црвени или отечени непца
- Крварење на непцата додека четкаме
- Хроничен лош здив или лош вкус во устата
- Нишање и одвојување на забите едни на други
Превенцијата е најдобриот лек
Редовни стоматолошки прегледи, професионално чистење и добра орална хигиена може да го подобри оралното здравје, а доброто орално здравје придонесува за подобрување на целокупното здравје.
Редовни стоматолошки прегледи и чистење се потребни на 3-4 месеци за да се отстранат бактериите, плакот и забниот камен и да се детектираат рани знаци на заболување на непцата.
Вие самите може да играте голема улога во спречувањето на болести на непцата со:
- Четкање 4-5 минути, два пати на ден, со флуоризирана паста за заби
- Чистење со конец на оние места кои се непристапни за четка
- Користење на анти – плак течност за да се намали плакот до 20 отсто
- Јадење здрава храна за да ги обезбедите основните хранливи материи (витамините А и Ц, особено).
- Избегнување на цигари и тутун за џвакање
Ако имате болести на срцето …
Воспоставување и одржување на здрава уста. Ова значи редовно четкање и посета на вашиот стоматолог редовно.
Бидете сигурни дека вашиот стоматолог знае дека имате проблеми со срцето и споделувајте ја со него вашата комплетна медицинска историја, вклучувајќи ги и сите лекови што моментално ги консумирате.
Внимателно следете ги инструкциите на вашиот стоматолог.